Ковачевски за поскапувањата: Ќе има интервенции во делот на маржите

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши во еден од скопските маркети

Сигурно ќе следуваат нови мерки, не може никој во време на криза да печали на грбот на граѓаните, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања во врска со поскапувањата на некои од основните производи.

Интервенциите, како што информира, најверојатно ќе бидат во делот на маржите и во делот на разликите меѓу производните и продажните цени.

Ковачевски најави дека ќе има проблем со млекото, поради што утре ќе се сретне со министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

„Ги следиме цените, со економските министри веќе разговаравме за идните мерки што ќе се преземат, пред сè, во делот на маржите и во делот на разликата во цените од производителите до финалната цена на рафт. Сигурно ќе следуваат нови мерки, зашто никој не може во време на криза да печали на грбот на граѓаните“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Бектеши - Неизвесно е дали ќе има мерки за инфлацијата

И министерот за економија Крешник Бектеши деновиве изјави дека во услови на неосновано неконтролирани зголемувања на цените, можеби е најдобро да се оди со поригорозни мерки, како што е на приемер, забрана за вршење дејност на некои трговци.

Организацијата на потрошувачи (ОПМ) побара да се замрзнат цените на основните прехранбени производи. Како што изјави претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, храната одзема голем дел од буџетот на секое семејство, а нејзиното поскапување оди исклучиво на товар на граѓаните.

Бизнисот пак е против замрзнување на цените. Смета дека има други мерки со кои државата би можела да интервенира за да го ублажи ценовниот шок и во овој контекст предлага намалување на даноците или активирање на стоковните резерви.