Вонредна состојба во Флорида поради ураган

Илустрација

Моќен ураган именуван како Идалија ја погоди денеска Флорида. Тој како „исклучително опасен“ е ставен во трета категорија. Поради него милиони луѓе беа евакуирани или затворени во домови и засолништа во очекување на поплави опасни по живот. Идалија е третиот ураган што ја погоди Флорида во изминатата година, по ураганот Иан во септември 2022 година и ураганот Никол во октомври 2022 година.

Идалија го погоди северозападниот брег на таа сојузна држава со разорни ветрови и поројни врнежи од дожд што можат да предизвикаат бранови високи до пет метри.

Видете и ова: Бурата Идалија ја погоди Куба, вонредна состојба на Флорида


На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа пороен дожд и паднати столбови за струја.

„Ураганот Идалија зајакна до категорија четири од максимални пет, пред да ослабне до категорија 3 утрово со ветрови од 201 километар на час“, објави Националниот центар за урагани во Мајами.

Секоја бура што ќе достигне категорија три се смета за опасен ураган. Повеќето од 21 милион жители на Флорида и соседните Џорџија и Јужна Каролина се под тревога, а во сите три држави е воведена вонредна состојба.Вонредна состојба е одобрена и на федерално ниво, што ќе овозможи федерална помош за Флорида. Претходно ураганот Идалија ја зафати западна Куба.