Украина не се плаши од кратења на воената помош од Западот, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, отфрлајќи ја американската анкета која покажува опаѓање на јавната поддршка и критики од некои американски конзервативци.
Додека контраофанзивата на Украина за враќање на окупираната територија напредува бавно, анкетата спроведена за американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен бјавена на почетокот на август, покажа дека повеќе од половина Американци се против дополнителна американска поддршка за земјата, што претставува пад, пишува Франс прес.
„Не чувствуваме пад на поддршката од американскиот Конгрес ниту од Европскиот парламент“, изјави Кулеба за новинарите во Париз на прес-конференција со неговата француска колешка Катрин Колона.
„Гледаме дека некои луѓе даваат изјави во Америка и Европа дека треба помалку да ја поддржуваат Украина. Во САД тоа е поврзано со почетокот на изборниот циклус“, рече тој, додавајќи дека Украина тоа ќе „го надмине“.
Видете и ова: ОН - 9.511 загинати цивили во Украина од почетокот на руската инвазијаЗа време на првата дебата минатата недела меѓу кандидатите за републиканската претседателска номинација во 2024 година, неколку кандидати ја критикуваа политиката на претседателот Џо Бајден за поддршка на Украина и предложија дека ќе ја променат.
Ставовите на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој е републиканскиот кандидат, остануваат нејасни, но тој тврди дека за еден ден може да стави крај на најинтензивниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
За да се спротивстави на неизвесноста, која би можела да ја охрабри Русија да игра со времето и да ја продолжи војната, западните сојузници на Украина се обидуваат да наведат долгорочни планови за снабдување со оружје и финансирање, проценува АФП.
Француската министерка за надворешни работи Колона нагласи дека е важно да ѝ се каже на Русија дека „времето не е на ваша страна“.
„Франција ќе продолжи да ја нуди сета своја поддршка на Украина, во секој домен, за да ѝ помогне на земјата да го оствари своето легитимно право на самоодбрана“, рече Колона, додавајќи дека тоа ќе продолжи и ќе се интензивира се додека е потребно за да се осигура дека руската агресија нема да успее.
Кулеба ја отфрли идејата за мировни преговори со рускиот претседател Владимир Путин за замрзнување на конфликтот, велејќи дека на Путин не му верува.