Бектеши - Неизвесно е дали ќе има мерки за инфлацијата

Министер за економија Крешник Бектеши.

Започнат е процес за зајакнување на надлежностите на Комисијата за заштита од конкуренцијата, а во наредниот период заедно со Државен пазарен инспекторат ќе се работи на терен во делот на зајакнување на контролите заштита на потрошувачите од зголемување на цените, изјави денеска Министерот за економија Крешник Бектеши. Тој исто така рече дека се уште е неизвесно дали и со какви мерки ќе се влијае на растот на цените кој се случува во изминатиот период.

„Обврска на институциите што треба да направат инспекциски надзор е да контролираат и да прават редовни инспекциски надзори согласно програмите на неделно, месечно, годишно ниво. Не може да оставаме таквите институции да не бидат експедитивни и со месеци по најава на одреден потрошувач да преземат соодветна мерка“, рече Бектеши.

Тој додаде дека по поминати неколку кризи, се уште не слушнал да има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Северна Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија. И ова не може само во време на криза“,рече Бектеши.

Видете и ова: Полни пазари, празни фрижидери

Цените на прехранбените производи пораснаа во услови на рекордна инфлација минатата година. Но и покрај тоа производителите најавуваат дека цените допрва ќе растат. Во моментов прехранбените производи се поскапени за 12 отсто во однос на лани. Зеленчукот поскапел за 21,5 отсто, овошјето за скоро 18 отсто, а месото за 16 проценти.

Сточари најавија дека од 1 септември домашното сирење ќе се продава по цени повисоки за триесет проценти. Сега сирењето се продава по околу 400-500 денари за килограм (околу осум евра), а со најавеното зголемување цената ќе достигне 700 денари или повеќе од 11 евра. По најавите за поскапи млечни производи, доаѓаат најави и за поскап леб.

Трошоците за живот во јули биле за 8,4 отсто повисоки од истиот месец минатата година, покажуваа податоците на Заводот за статистика. Најмногу е поскапен мебелот, кафеаните и храната.

Синдикатот (ССМ) пресметал дека во јуни на едно четиричлено семејство му требале безмалку 800 евра месечно, од кои половина ги троши за храна.