Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак на 30 август ќе го посети Белград, каде ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како дел од подготовките за претстојната средба на високо ниво во бриселскиот дијалог.
Од кабинетот на Вучиќ не соопштуваат кои ќе бидат темите на разговорот, по кој не е предвидено двајцата функционери да се обратат пред медиумите.
Лајчак во понеделникот објави дека на маргините на Бледскиот стратешки форум имал „важна средба“ со косовскиот премиер Албин Курти, како дел од подготовките за следниот состанок на високо ниво, кој треба да се одржи во септември.
„Главната тема на нашиот разговор беше подготовката на следниот состанок за дијалог на високо ниво во септември, со фокус на нормализацијата на односите и имплементацијата на објавата на ЕУ од 3 јуни“, напиша Лајчак на мрежата Х, поранешен Твитер.
Видете и ова: ЕК не сака да шпекулира со датумите за евентуалниот прием на нови членкиНа 3 јуни ЕУ објави дека очекува Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалог за изнаоѓање одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово кое гарантира безбедност и партиципативна демократија за сите граѓани и што го отвора патот за спроведување на Договорот за нормализација на односите постигнат на 27 февруари.
ЕУ тогаш соопшти дека тоа вклучува почеток на работата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство без дополнително одлагање или предуслови, како и дека косовските власти треба што поскоро да распишат вонредни локални избори во сите четири општини на северот на Косово, на кој ќе учествуваат косовските Срби.
Во вторникот Вучиќ рече дека очекува „многу закани и притисоци“ за Косово во наредните месеци.
„Ми се чини дека месеците што следат нема да бидат лесни и очекувам голем притисок и закани и спроведување на тие закани на Косово од оние кои се недоволно одговорни и не разбираат дека мирот не е само во интерес на Србите, но и на Албанците“, рече Вучиќ.
Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа во Брисел на 2 мај, девет дена по вонредните локални избори на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите.
Во тој круг од бриселскиот дијалог беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица и беше претставен првиот нацрт на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство.