МОН: Испораката на учебниците ќе заврши на 1 септември, освен за шестооделенците

Учебници за основно образование (илустрација)

Министерството за образование и наука информира дека се испечатени сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници и дека испораката до училиштата е интензивирана. Од министертвото додаваат дека согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата, информира Министерството за образование и наука.

МОН соопшти дека на 1 септември целосно ќе заврши испораката на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре.

„Оние, пак, кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието“, наведува МОН во денешното соопштение до јавноста.

Видете и ова: Привремените „учебници“ ќе бидат во електронска форма, кој сака ќе може да си ги испечати

Министерството апелира до јавноста да ги следи информациите кои ги објавува МОН, наместо како што наведува, „информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации“.

И минатата учебна година учениците не ги добија сите учебници, а по некои предмети учебници немаа книги до крај на школската година. За привремени учебници лани државата потроши над 640 милиони евра, пари позајмени од Светска банка.