Бурата Идалија ја погоди Куба, вонредна состојба на Флорида

илустрација

Тропската бура Идалија ја зафати западна Куба и се очекува да се засили во голем ураган додека се движи кон брегот на Флорида, каде властите наредија милиони луѓе да се подготват за евакуација пред падот на копното рано наутро во среда.

Идалија, со ветрови од 112 километри на час, помина 130 километри од западниот дел на Куба, соопшти Националниот центар за урагани.

Поради засилување на интензитетот на бурата и нејзиниот сегашен пат кон север, околу 14 милиони жители на Флорида се под предупредување за урагани и тропски бури.

Се прогнозира дека Идалија ќе зајакне во ураган од трета категорија (од максимум 5) кога ќе падне на копно во северна Флорида.

„Подгответе се. Направете сè што можете. Имате време денес, а поголемиот дел од вторник“, рече гувернерот Рон ДеСантис.

„Имајте на ум, ако ви кажат да се евакуирате, не мора да возите стотици милји, не мора да ја напуштите Флорида. Само треба да одите на поголема надморска височина“, изјави претходно гувернерот на Флорида, истакнувајќи дека многу училишта одлучија да ја откажат наставата.

Во округот Манате, веќе се издадени наредби за евакуација. Меѓународниот аеродром Тампа објави дека ќе ја прекине работата почнувајќи од полноќ.

Видете и ова: Циклонот Мока усмрти најмалку 400 луѓе во Мјанмар

До вторник, во делови од Флорида, југоисточна Џорџија и источна Северна и Јужна Каролина се очекува пороен дожд што може да предизвика поплави.

Заедно со силниот дожд, ветровите со брзина од над 177 километри на час може да предизвикаат поплави опасни по живот, предупреди центарот за урагани.

На некои места во Флорида веќе е прогласена вонредна состојба и отворени се засолништа. ДеСантис прогласи вонредна состојба во 46 окрузи на Флорида, кои го покриваат поголемиот дел од северниот дел на американската сојузна држава. Мобилизирани се и околу 5 500 припадници на Националната гарда.

Вонредна состојба е одобрена и на федерално ниво, што ќе овозможи федерална помош за Флорида.