ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување до 2030 година, смета Мишел

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел попладнево од Бледскиот стратешки форум порача дека до 2030 година Европската унија мора да биде подготвена за ново проширување.

Ова, според Мишел, треба да биде еден од главните предизвици на Унијата. Следното проширување, вели тој, треба да се предвиди во новиот буџет на Европската комисија.

Мишел предлага да се воведе „confidence clause“ за земји што влегле да не блокираат земји кои сакаат да влезат.

Земјите аспиранти, според Мишел, треба да го почитуваат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и криминалот и да ги спроведат реформите.

На панелот учествуваат премиерите од Западен Балкан, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и премиерите на Хрватска и Бугарија.

Видете и ова: Мишел: Поддршка за иницијативата за уставни амандмани и покрај политичките предизвици

Инаку, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по синоќешната билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, што се одржа пред почетокот на Бледскиот стратешки форум, изјави дека е убеден и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.

Мишел оцени дека односите меѓу Северна Македонија и ЕУ се одлични. Притоа тој му честита на премиерот Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.

По средбата со Ковачевски, Мишел на социјалната мрежа X (Твитер) изрази целосна поддршка на иницијативата за усвојување на уставните амандмани и покрај, како што пишува, многуте политички предизвици.