Грчките власти испраќаат засилување во областите погодени од пожарите

Шумски пожар кој се шири во Дикела во близина на Александрополис, северна Грција, 23 август 2023 година.

Грчките власти ги зајакнаа напорите за гаснење на пожарите во североисточниот дел на земјата, каде веќе 10-ти ден беснее голем, смртоносен пожар без знаци на стивнување.

Од вкупно 21 смртен случај поврзани со шумски пожари во Грција минатата недела, 20 жртви се пријавени во областа Александрополис и Еврос.

Од противпожарната служба соопштија дека со пожарот се борат 474 пожарникари, со поддршка од 100 возила, седум авиони и два хеликоптери.

Видете и ова: Шумските пожари во Грција деветти ден по ред горат

Меѓу пожарникарите има и засилувања од повеќе европски земји, меѓу кои пожарникари од Србија, Романија, Франција, Чешка, Бугарија, Албанија и Словачка, додека Германија, Шведска, Хрватска и Кипар испратија противпожарни авиони, пишува Асошиетед прес (АП).

Пожарот уништи повеќе од 77.000 хектари земја, што го прави еден од најголемите во една европска земја.

Пожарникарите до вчера се бореа со пожарите на вкупно 105 локации во Грција.

Се сомнева дека дел од пожарите се подметнати, а досега се приведени 163 лица.