Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), главната внатрешна безбедносна агенција во земјата, во понеделникот соопшти дека уапсениот поранешен вработен во американскиот конзулат во Владивосток, Роберт Шонов, е обвинет дека собирал информации за руската инвазија на Украина за американски дипломати.
ФСБ објави дека Шонов е осомничен за „собирање информации за специјална воена операција, процеси на мобилизација во руските региони, проблеми и проценка на нивното влијание врз протестните активности на населението пред претседателските избори во 2024 година“.
Службата соопшти дека им доставила покани на двајцата американски дипломати кои наводно му дале инструкции на Шон да ги собере информациите.
Неговото апсење беше објавено во мај, но, руските власти тогаш не објавија детали.
Американскиот Стејт департмент го осуди апсењето, наведувајќи дека Шонов работел во американскиот конзулат во Владивосток повеќе од 25 години. Конзулатот беше затворен во 2020 година поради пандемијата COVID-19 и не е повторно отворен.
Видете и ова: Протечените документи го покажуваат обемот на американските шпионски активностиСтејт департментот објави дека по наредбата на руската влада во април 2021 година за отпуштање на сите руски државјани вработени во американските дипломатски претставништва во Русија, Шонов работел во компанија со која САД склучиле договор за поддршка на нејзината амбасада во Москва.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Мулер, во мај изјави дека неговата единствена улога во моментот на неговото апсење била „составување резимеа за печатот од јавно достапни извори на руски медиуми“.
Руските медиуми објавија дека Шонов бил затворен во московскиот затвор Лефортово.