Молдавската претседателка Маја Санду во неделата го одбележа Денот на независноста на нејзината земја потсетувајќи на напорите на граѓаните на земјата да ја „освојат слободата“ пред 32 години и рече дека властите сега „имаат можност и должност“ да ја водат земјата кон Европската унија.
„Иднината на Молдавија е во Европската унија. Сите го знаеме тоа. Сфаќаме дека ова е нашата шанса да ја развиеме земјата и да им дадеме на нашите деца иднина дома, покрај нивните родители“, рече таа, говорејќи на церемонијата во Плоштадот на Големото национално собрание во Кишињев.
Таа, исто така, и оддаде почит на генерацијата која прогласи независност од Советскиот Сојуз на 27 август 1991 година, велејќи дека благодарение на неа, Молдавците денес се „слободни да зборуваат романски, да не бидат понижувани дома, слободни да размислуваат и да зборуваат гласно“.
Присуствувајќи на третата церемонија по повод Денот на независноста како претседател, таа го заврши своето излагање велејќи дека пристапувањето во Европската унија не се постигнува само со напорите на Владата.
„Потребно е цело село за да се подигне дете, потребно е секој човек да подигне земја“, рече таа.
Видете и ова: Борел-Патот на Молдавија кон ЕУ е независен од случувањата во ТрансдњестарПремиерот Дорин Ресин ги повика сограѓаните да бидат „поконсолидирани и обединети“ со цел да се исполни „сонот за внесување на Молдавија во Европската унија“.
На 23 јуни 2022 година, Молдавија доби статус на кандидат за членство во ЕУ, во позадина на руската инвазија на Украина. Во моментов се чека одлука дали може да ги започне пристапните преговори.
Оваа земја доби неколку честитки, меѓу кои и од ЕУ, Романија и САД.
Амбасадорот на ЕУ во Молдавија, Јанис Мазеикс рече дека Молдавија постигнала „значаен напредок“ на патот кон „вистинската независност“ од економска, социјална и територијална гледна точка, а Европската унија ги поддржала одлуките на Молдавците.
Романската влада испрати порака во која се наведува дека Букурешт „е и ќе остане целосно посветен на поддршката на граѓаните на Република Молдавија“ и дека се што се случува сега во Кишињев „може и мора да биде крунисано со успех“.
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен и честиташе на Молдавија за одбележувањето на 32 години независност од Советскиот Сојуз.
„САД ја ценат заедничката посветеност на Молдавија за зајакнување на демократските институции и судските реформи, поттикнување на економскиот раст, зајакнување на безбедноста и промовирање на почитувањето на човековите права“, се вели во соопштението на Блинкен.
Видете и ова: Четириесет и пет членови на руската амбасада ја напуштаат МолдавијаСоединетите Држави се исто така благодарни за „непоколебливата поддршка“ на Молдавија за Украина во справувањето со последиците од руската војна и го пофалуваат молдавскиот народ што прифатил стотици илјади украински бегалци.