Кумановецот кој што ги уби партнерката и нејзината мајка, по што се самоуби на 25 август, два пати бил условно осуден за семејно насилство. Според податоците од Основниот суд Куманово, Кумановецот Д.Ј. бил осуден за прв пат во 2014 година затоа што ги претепал со шлаканици и боксови неговата партнерка и нејзината мајка. Во пресудата е наведено дека на семејното насилство му претходела кавга затоа што, не бил задоволен како мајката го научила да зборува нивното три годишно дете.
„Физички ја нападнал оштетената удирајќи ја со клоци и тупаници во пределот на главата и телото, а потоа и оштетената мајка на жртвата физички ја нападнал влечејќи ја за коса и после ја удрил со тупаници во пределот на грбот, при што оштетените се здобиле со телесни повреди по телото и главата“, се вели во првата пресуда.
Видете и ова: Кумановец ги убил сопругата и нејзината мајка, па се самоубил
Судот му одредил условна казна во времетраење од 3 (три) месеци, доколку обвинетиот во наредена година не стори кривично дело.
Втората пресуда Основниот суд во Куманово ја донел во 2021 година, откако претходната година ја претепал својата партнерка.
„На начин што откако станал од спиење, без причина започнал расправија со оштетената со прашања зошто децата не јаделе, по што почнал да ја навредува со вулгарни зборови и станал од креветот и физички ја нападнал удирајќи ја повеќе пати со шлаканици и тупаници по лицето и телото и ја ритал со нозете по телото, а кога побегнала во купатилото, зел една дуња и со неа измавнал кон оштетената удирајќи во предел на рамото, со што и нанел телесна повреда - нагмечување во предел на главата и нагмечување во предел на левата надлактица“, се вели во пресудата.
Со втората пресуда осудениот Д.Ј повторно добил условна казна затвор од 6 месеци доколку во рок од две години по правосилноста не стори ново кривично дело.
„Водејќи сметка за целите на Условната осуда зеде да обвинетиот е релативно млад човек, фактот да досега не е осудуван и не се јавува како извршител на кривични дела и негова слаба имотна состојба, како и доброто и искрено држење на обвинетиот пред судот, признанието на кривичното дело и изразеното каење за истото, па при постоење на овие услови судот на обвинетиот му изрече Условна осуда, сметајќи дека и со една ваква кривична санкција ќе бидат исполнети целите на Условната осуда“, се вели во одлуката на судијката.
На ДЈ ова му е втора пресуда за семејно насилство, а дополнително на судскиот портал може да се најдат и пресуди за парични долгови како и за непочитување на мерките донесени во пандемијата за недвижење за време на полициски час.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека за последниве десет години, поднеле пет кривични пријави до Обвинителството поради семејно насилство.
„Во период од 2013 до 2023 година СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово има поднесено 5 (пет) кривични пријави против Д.Ј. по член 130 ст. 2 од КЗ на РСМ, сите извршени врз лицето Е.А, се вели во одговорот на МВР до Телма.
Полицајците постапувајќи по пријавата, во стан во Куманово пронашле мртви две жени, една на 40 годишната возраст и нејзината мајка. Нив со нож ги убил 46 годишниот кумановец, кој потоа се повредил самиот и скокнал од прозор.
Во Македонија не постои официјална статистика за бројот на фемициди, но Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“ избројала дека во периодот од 2001 до 2020 имало 54 такви случаи.
Случаите на фемицид го потресоа регионот, откако во Босна и Херцеговина во период од 10 дена беа убиени две жени од своите поранешни партнери.