Средбата со американскиот заменик-помошник државен секретар, Габриел Ескобар беше конструктивна и пријателска помеѓу стратешки партнери, оцени на 26 август претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вчера лидерот на најголемата опозициска партија се сретна со Ескобар.
Мицкоски вели дека Владата ги злоупотребува претставниците на меѓународната заедница, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД), со лажни информации.
„Дел од тие лажни информации моравме да ги дебрифираме за време на состанокот на средбата со господинот Ескобар и амбасадорот Анџела Агелер и ценам дека лично на господинот Ескобар позициите на ВМРО-ДПМНЕ му се појасни. Ние сме исто така како и тие загрижени за актуелната состојба на Македонија иако нашата загриженост е поголема затоа што сепак ние живееме во оваа држава“, рече Мицкоски, на новинарско прашање.
Повтори дека иако се ближат редовните избори, тој бара што поскоро да има предвремени избори, бидејќи, како што рече, единствената политика што ја има сегашната Влада, е прифаќање на бугарски диктат.
Ескобар вели дека не дошол во Северна Македонија за да му кажува на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа. Ескобар ова го изјави во тв интервју за „360 степени“.
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.