Воената хунта во Нигер, која ја презеде власта со државен удар на 26 јули, денеска му нареди на францускиот амбасадор Силвен Ито да ја напушти земјата во рок од 48 часа, соопшти Министерството за надворешни работи.
Одлуката за протерување на францускиот амбасадор е делумно донесена поради неговото одбивање да одговори на поканата за средба со министерот за надворешни работи на Нигер, се вели во соопштението на Министерството.
Се додава дека и други дејствија на француската Влада се во судир со интересите на Нигер, но не се дадени дополнителни детали.
Франција најави дека нема да ја признае наредбата за нејзиниот амбасадор во Нигер да ја напушти оваа западноафриканска земја, имајќи предвид дека „пучистите немаат овластување“ да издаваат таква наредба.
Видете и ова: Африканската унија го суспендираше Нигер
„Франција го доби барањето на пучистите “, соопшти на 25 август Министерството за надворешни работи во Париз за новинската агенција Франс Прес, додавајќи дека „договорот на амбасадорот потекнува од легитимно избраната влада на Нигер“.
„Пучистите“ во Нигер наведоа и други активности на француската влада за кои тврдат дека се против интересите на Нигер како причина за протерувањето.
Франција верува дека единствената легитимна власт во Нигер останува демократски избраниот претседател Мохамед Базум, кој беше соборен со државен удар.