Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, за време на посетата на Киев рече дека „нема алтернатива“ на првичниот договор за жито меѓу Украина и Русија, кој беше постигнат со посредство на неговата земја и Обединетите нации, но кој пропадна откако Москва се повлече од договорот минатиот месец.
„Знаеме дека се бараат алтернативни патишта за пратките на жито, но не гледаме алтернатива на првичната иницијатива бидејќи тие носат ризици“, им рече Фидан на новинарите на 25 август по средбата со претседателот Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал во Киев.
„Ревитализацијата на оваа иницијатива е приоритет за Турција“, додаде Фидан.
Коментарите следуваат по забелешките на некои западни сојузници кои сугерираат можност за воспоставување алтернативни начини за обезбедување на извоз на украинско жито, вклучувајќи ги „можностите за железнички транспорт и капацитетите на пристаништата на одделни земји членки на НАТО“.
Договорот првично и овозможи на Украина да испорачува жито преку блокираните пристаништа на Црното Море. Сепак, Русија се повлече од договорот минатиот месец и почна да ги напаѓа украинските пристаништа и постројките за жито.
Многу светски лидери изразија загриженост дека прекинот на договорот за жито ќе ги зголеми цените и ќе предизвика дополнителна несигурност во храната, особено во посиромашните нации, вклучително и некои во Африка и други како Хаити.
Американскиот државниот секретар Антони Блинкен на 3 август во својот говор пред Советот за безбедност на ОН, ја обвини Москва за „уцена“ поради нејзиното повлекување од Црноморската иницијатива за жито.
Украина и Турција се согласија на договорот за слободна трговија кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го посети Киев на почетокот на февруари 2022 година, три недели пред Русија да ја започне својата целосна агресија против Украина.
Украинските власти изразија благодарност до Анкара за нејзината поддршка на напорите на Зеленски да стави крај на неиспровоцираната војна на Русија, истовремено потврдувајќи ја позицијата на Киев дека украинско-руските мировни преговори се можни само по целосно повлекување на руските трупи од украинската територија.
Анкара се обиде да одржува односи и со Киев и со Москва по руската инвазија, и за политички и за економски прашања.
Фидан ја повтори поддршката на Анкара за независноста и територијалниот интегритет на Украина и ја истакна важноста од обновувањето на украинскиот извоз на жито и обновувањето на инфраструктурата на Украина.