Ескобар - Не сум дојден да вршам тортура

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар и македонскиот премиер Димитар Ковачевски

„Нема никого да го подложувам на тортура овде, САД не избира влади за земјите членки на НАТО“, одговори заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на прес-конференција во Скопје. Тој одговараше на новинарското прашањето за најавената средба со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој претходно рече дека нема да трпи притисоци и тортура за уставните измени.

Ескобар по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски изјави дека пораката која што ја носи е дека САД ги гледа како природни партнери оние што се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ескобар: „На Европа и на САД им требате во ЕУ“


„Сакам јасно да кажам дека нема никого да го подложувам на тортура овде, сакам јасно да посочам дека САД не избира влади за земјите членки на НАТО“, изјави Ескобар.

Премиерот Ковачевски на почетокот на заедничката прес конференција го коментираше ставот на лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Мицкоски дека Владата коленичи, за како што вели, да дојдат странски дипломати кои ќе вршат притисок со цел да се обезбеди гласање на уставните измени.

„Тоа не е точно, бидејќи во Северна Македонија е присутен висок претставник на најпријателската држава на Северна Македонија и тој е присутен тука како дел од неговите редовни посети во регионот. Тоа не е негова прва посета, ниту ќе биде негова последна посета“.

Тој додаде дека со Ескобар разговарале за успешниот скрининг процес и за процесот за отпочнувањето на уставните измени. Ковачевски повтори дека ЕУ е единствена алтернатива и дека секој друг исход ќе значи изолација, а уставните измени се услов кој треба да се исполни.

Попладне е предвидена средба на Ескобар со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Видете и ова: Ескобар - САД не избираат влади на членки на НАТО

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.

Дневниот ред на седницата во Собранието за отпочнување на процедурата за уставни измени беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.