Русија и Украина меѓусебно се напаѓаат со дронови

Архивска фотографија - Спасувачите работат на местото на рускиот напад со беспилотно летало, среде рускиот напад врз Украина, во Ромни во регионот Суми, Украина, 23 август 2023 година.

Русија соопшти дека спречила масовен бран напади со беспилотни летала врз окупираниот Крим и ракетен напад врз Калуга. Во меѓувреме и украинската војска пријавила смртоносни воздушни и напади до дронови врз нејзините региони.

Руското Министерство за одбрана на 25 август соопшти дека нејзината воздушна одбрана неутрализирала 42 беспилотни летала, од кои девет наводно биле соборени додека другите 33 биле „потиснати со електронски средства и паднале без да стигнат до целта“.

Шефот на Севастополската област на Крим, Михаил Развозаев, назначен од Москва, изјави дека неколку беспилотни летала се уништени над морето.
Министерството, исто така, соопшти дека украинска ракета е соборена во Калуга, регион југозападно од Москва.

Двата големи московски аеродроми, Внуково и Домодедово, привремено престанаа со работа, јави руската новинска агенција ТАСС.

Нема непосредни извештаи за жртви или штети.

Москва и нејзината околина во последните недели се често мета на напади со беспилотни летала.

Во меѓувреме, Генералштабот на украинската војска извести за руски воздушни и ракетни напади врз Украина во текот на ноќта, додавајќи дека има жртви меѓу цивилите.

„Во текот на изминатите 24 часа, непријателот изврши седум ракетни и 47 воздушни напади... врз позициите на нашите војници и на населените места“, се вели во дневниот извештај на војската.

Видете и ова: Најмалку четворица загинаа во руските напади врз украинските региони

Во него се додава дека во нападите има мртви и повредени меѓу цивилното население.

Украинската воздушна одбрана одделно извести дека соборила четири руски крстосувачки ракети над регионот Одеса, кои биле лансирани од Азовското Море.

Последниот бран воздушни напади дојде еден ден откако Русија изврши ракетен напад врз јужниот град Днипро, при што беа ранети седум лица, додека Украина го одбележуваше Денот на независноста.