Косовската полиција го уапси Алил Демири, доживотно осуден за петкратното убиство кај Смилковско Езеро

Алил Демири

Полицијата на Косово во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од македонското МВР.

Демири е баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело „тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро, информираат од МВР.

Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија.

Видете и ова: Најпознати бегалци од македонската правда

Во случајот „Монструм“ на доживотен затвор осудени се Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор, пак, осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Еден од петтемина обвинети, Сами Љута, пак, беше ослободен од обвинение.

Ваквата пресуда е правосилна и во повторено судење беше донесена од страна Основниот кривичен суд Скопје, а потоа беше потврдена и од Апелација.

Двајца од осудените на доживотен затвор, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, долги години се во бегство во Косово, а тамошните власти одбиваа да ги екстрадираат во Северна Македонија.

Видете и ова: Македонија со потерници бара околу 400 криминалци