Најмалку четворица загинаа во руските напади врз украинските региони

Илустрација

Најмалку четири лица загинаа во новиот бран руски напади врз североисточните и јужните украински региони на 23 август, кои исто така ги оштетија капацитетите за извоз на жито, соопштија украинските власти. Во меѓувреме рускиот регионален гувернер го обвини Киев за напад во кој загинале три лица. Москва, наводно, повторно била цел на напади од беспилотни летала.

Во Ромни, град во североисточниот регион Суми кој се граничи со Русија, бројот на жртвите на руски ракетен напад се удвои откако телата на уште двајца наставници беа ископани од под урнатините на училиштето уништено од експлозијата.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко во објава на страницата на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, рече дека училиштето е целосно уништено, а најмалку уште две лица се уште се под урнатините.

Во јужна Украина, тричасовен руски напад со беспилотно летало врз регионот Одеса оштети инсталации и предизвика пожари во силоси за жито, соопштија воените и регионалните власти на 23 август.

„Воздушната одбрана уништи девет беспилотни летала од иранско производство. За жал, комплексите за производство и испорака беа оштетени и избувна пожар на површина од 700 квадратни метри. Од шест часот наутро пожарот е локализиран. Складиште за жито се меѓу оштетените цели“, рече регионалниот гувернер Олех Кипер на Телеграма на 23 август, додавајќи дека нема жртви.

Видете и ова: Украина тврди дека уништила моќен руски ракетен систем на Крим


Украинските власти тврдат дека имало експлозии во Измаил, едно од двете украински пристаништа на Дунав што Киев ги користеше за извоз на жито, откако договорот спонзориран од ОН пропадна минатиот месец по одбивањето на Русија да го обнови своето учество во договорот.

Романските медиуми објавија дека експлозиите се слушнале во Тулчеа, романско пристаниште на Дунав на само 15 километри од Измаил.

Командата на воздухопловните сили на Украина соопшти дека украинската војска соборила 11 од 20 дронови лансирани од Русија во текот на ноќта. Девет се уништени во областа Одеса, а две во регионот Запорожје, соопшти командата.

Во Русија, гувернерот на Белгородската област која граничи со Украина рече дека во напад со дрон врз санаториум во селото Лави загинале тројца цивили.

„Вооружените сили на Украина фрлија експлозивна направа од дрон кога луѓето беа на улица“, напиша Вјачеслав Гладков на Телеграм. Тој рече дека двајца мажи биле убиени на лице место, додека третиот починал подоцна во болница.