Вучиќ: Србија беше против санкциите за Русија во Атинската декларација

Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неформалната вечера во Атина по повод 20 години од „Солунската декларација“

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во Белград изјави дека Србија е против санкциите кон Русија да бидат споменати во декларацијата што ја договорија лидерите на Балканот, Европската Унија и Украина. Против, како што наведе, била само Србија.

„Имаше разговори за тоа како делот за воените злосторства да изгледа поинаку. Потоа во првата верзија изгледаше малку поинаку. Потоа во средната верзија малку повеќе. И на крајот дојде оваа последна верзија“, рече Вучиќ.

На прашањата на Радио Слободна Европа до Европската Унија дали Србија ја сменила декларацијата и, доколку да, кои се точно барањата, одговорот беше дека тоа се прашања за домаќинот на средбата во Атина, кој разговараше за декларацијата.

Лидерите од Балканот, Европската Унија и Украина на 22 август на неформална вечера во Атина договорија декларација во која, меѓу другото, се наведува нивната силна и „непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, врз основа на вредностите на демократијата и владеењето на правото“.

„Се согласивме дека не може да има неказнивост за воени и други злосторства, како што се нападите врз цивили и уништувањето на инфраструктурата, и дека одговорните мора да одговараат“, се вели во декларацијата објавена на официјалната веб-страница на премиерот на Грција.

Видете и ова: Атина - Побрза интеграција на Западен Балкан и поддршка за украинскиот народ

Западен Балкан, Украина и Молдавија се наведени како региони чиешто прифаќање во ЕУ значи „стратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста во Европа“.

Вучиќ пред новинарите во Белград изјави дека ниту една неформална вечера со неформални заклучоци не може ништо да промени, но може да зборува за начинот на размислување и какви се односите. Тој додаде дека секој ден од него бараат Србија да воведе санкции кон Русија.

Претседателот на Србија изјави дека во Атина имал љубезен и коректен разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Како што рече, разговарале за се, ситуацијата на бојното поле, европскиот пат на Србија и Украина, Косово и територијалниот интегритет на Украина.