Црна Гора на прагот на длабока демографска старост

Илустрација, Котор , Црна Гора

Црна Гора е на прагот на длабока демографска старост, покажуваат податоците на црногорскиот Центар за демократска транзиција и Друштвото на статистичари и демографи во анализата „Зошто Црна Гора не се грижи за сопственото население?“. Според нивните податоци уделот на населението под 14 години (17,9 проценти) е речиси еднакво на населението над 65 години (16,5 проценти).

„За две децении, учеството на населението до 14 години е намалено од 21 отсто на 17,9 отсто, односно од 128,2 илјади на 110,2 илјади, додека во истиот период учеството на населението над 65 години е зголемено од 12 проценти на 16 проценти“, се вели во соопштението.

Според нивната анализа намалувањето на наталитетот и зголемениот број млади кои ја напуштаат Црна Гора доведе до тоа дека уделот на младата популација во земјата се намалува, на сметка на растот на бројот на жители постари од 65 години.

Од Организацијата информира дека населението на возраст од 80 и повеќе години е двојно поголемо во споредба со 2000 година во Црна Гора.

Видете и ова: Сè помалку бебиња, а малку пари од државата

Дополнително, како што велат, загрижувачки се податоците дека расте бројот на пензионери во споредба со работоспособното население (од 15 до 65 години).

„Според индикаторот за просечна возраст, Црна Гора е на прагот на длабока демографска старост и таа е 39,4 години. Оваа длабока демографска возраст доведува до пониска стапка на наталитет, односно помал број на оние кои потенцијално можат да работат“, велат од Центар за демократска транзиција.

Според нив, ова, заедно со подолг животен век создава и поголем број на оние кои примаат пензија во однос на оние кои работат, поради што државата многу брзо можно е да се соочи со проблеми со финансиската одржливост на пензискиот фонд.