Се разговара со секој пратеник затоа што сега одговорноста е кај пратениците, одговори денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарското прашање поврзано со потрагата на власа по двотретинско мнозинство за гласање во Собрание за уставните измени со кои треба да се вметнат Бугарите во Преамбулата, услов за продолжување на преговорите со ЕУ. Тој посочи дека една од клучните цели и приоритети на државата е членството во Европската Унија, пат кој што, како што вели нема друга алтернатива.
„Изолацијата на државата, посебно изолација која што доаѓа од внатре е неприфатлива. Се разговара со секој пратеник заради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние коишто ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“ одговори Спасовски на денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.
Видете и ова: Американскиот висок дипломат Ескобар доаѓа во Скопје
Тој посочи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес.
Спасовски вели дека е важно политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес и од денеска за утре, туку да гледаат визионерски со цел земјава да стане што е можно побрзо дел од европското семејство.
Уставните измените се потребни за да продолжи евроинтегративниот процес на Северна Македонија. На седницата во петокот се дебатираше за иницијативата дали да се менува Уставот, но по дебатата немаше гласање, тоа е оставено за тогаш кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. За да се усвои потребата од измени на Уставот треба да гласаат 80 пратеници, односно дветретини од вкупно 120-те парламентарци.