Во близина на Атина беснее шумски пожар, наредба за нова евакуација

Илустрација, гасење на шумски пожар во Грција

Стотици пожарникари во текот на ноќта се бореа за да го локализираат шумскиот пожар на периферијата на Атина, што предизвика дополнителна евакуација, додека властите на 23 август предупредија дека ризикот од нови пожари е голем низ целата земја, објави новинската агенција Ројтерс.

Дваесет лица загинаа откако во саботата избувнаа шумски пожари во северна Грција и брзо се проширија, разгорени од силните ветрови во вториот голем пожар во летово.

Пожарот во близина на селото Фили на околу 25 километри северно од Атина, се проширил во градот Менида, каде што околу 150 луѓе морале да бидат евакуирани од три домови за стари лица, изјави претставник на локалната власт.

„Го држевме пожарот подалеку од домовите“, изјави Статис Топалидис, заменик градоначалник на Мениди, за државната телевизија ЕРТ во средата.

Видете и ова: На островот Родос прогласена вонредна состојба


Тој рече дека старите лица биле евакуирани со автобуси во хотели или други установи за нега. Пожарот остави трага од уништување, горејќи куќи и автомобили во Фила и принудувајќи ги жителите да бегаат пеш.

Во вторникот, спасувачите открија 18 изгорени тела, за кои се верува дека се мигранти, во рурална област во близина на шумата Дадија во северниот регион Еврос на границата со Турција, популарна рута за луѓето од Блискиот Исток и Азија кои бараат влез во Европската унија.

Во блискиот грчки пристанишен град Александрополис, десетици болнички пациенти, некои на носилки, беа евакуирани на траект.