Путин на самитот на БРИКС за договорот за жито, храна за Африка, санкциите...

Обраќање на Путин на самитот на БРИКС

Русија е подготвена да се врати на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа во Црното Море, доколку се исполнат сите обврски кон Москва, изјави во вторник рускиот претседател Владимир Путин.

„Од 18 јули одбиваме да го продолжиме таканаречениот договор и подготвени сме да се вратиме на почитување на тој договор, само доколку се исполнат сите обврски кон руската страна“, нагласи Путин преку видео врска до самитот на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) во Јужна Африка.

Русија се повлече од договорот, наведувајќи дека не се исполнети барањата за подобрување на состојбата со нивниот извоз на храна и ѓубрива и дека до најсиромашните земји не стигнале доволни количини украинско жито.

Тој посочи и дека преговорите меѓу Русија и нејзините партнери од Африка за бесплатна испорака на жито се речиси завршени. Тој нагласи дека Русија ќе остане сигурен снабдувач со храна на африканскиот континент.

Во својот говор тој ја пофали „систематската работа на здружување на водечките компании од петте земји од БРИКС“ и „проширувањето на дијалогот меѓу нив“.

Видете и ова: Криза на доверба: падот на рубљата во Русија поради скапата војна


Тој ги критикуваше санкциите, индиректно обвинувајќи го Западот дека ги „гази сите правила на слободната трговија и економскиот живот“.

Членовите на БРИКС во моментов претставуваат повеќе од 40 отсто од светското население. На самитот се очекува да се разговара за прием на нови членки.

Русија претходно најави дека земјата на самитот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а не Путин.

Јужна Африка, како домаќин на самитот, беше соочена со дилема бидејќи е член и на Меѓународниот кривичен суд, поради што треба да го уапси Путин врз основа на обвинувањата против него за воени злосторства во Украина.