Работна група ќе расправа за минималната пензија

Фотографија од протестот на пензионерите пред Министерството за труд и социјала во Скопје на 14 август 2023

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање Работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите и го донесе Решението за формирање на Работната група, соопшти владината прес-служба.

Работна група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите е задолжена да достави до Владата соодветен и финансиски издржлив предлог за најниската пензија и предлог мерки за помош и поддршка на пензионерите.

Видете и ова: Тренчевска - до крајот на годината да се најде решение за минимлната пензија

Изминатите дваесетина дена голем број пензионери излегуваа на протести низ градовите во Северна Македонија со барање за линеарно зголемување на пензиите и за изедначување на пензискиот минималец со минималната плата во државата.

Од надлежните министерства во неколку наврати добија одговор дека нивните барање не можат да се реализираат, но дека Владата секогаш е подготвена да разговара и да се најдат соодветни решенија за решавање на проблемите на пензионерите.