Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Владата е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните. Но, секој носи дел од одговорноста, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, во врска со најавите во медиумите за поскапување на лебот.
Според Бесими, најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените.
„Медиумските укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството“, вели Бесими, не помагаат во економијата, туку дополнително создаваат очекувања за зголемување на трошоците.
Цената на белиот леб, нагласи Бесими, е 33 денари и тука нема поскапувања. Како што најави, можно е министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на владина седница да излезе со нова предлог-мерка.
Видете и ова: Полни пазари, празни фрижидери„Ги прочитав сите најави од мелничката индустрија. Дали откупната цена на пченицата е повисока во однос на минатата година? Не. Дали електричната енергија е поскапа? Не. Што во меѓувреме се случило за да најават поскапување на лебот? Во постојана комуникација сум со двајцата министри, за економија и за земјоделство, како и со премиерот. Ние сме отворени да разговараме за која било тема, но најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените. Ќе се разговара со нив и ќе излеземе во пресрет на секоја ситуација во однос на овие ситуации што можат да влијаат од аспект на ценовната криза. Сите ние, ресорните министри, ќе разговараме со нив и во секоја фаза сме подготвени да реагираме со мерки“, истакна Бесими.
Министерот уште еднаш напомена дека Владата е подготвена да разговара за секое прашање.
Дел од цените на основните прехрамбени производи во маркетите и на пазарите се веќе покачени, а најави има и за нови покачувања. Граѓаните велат дека половина плата оди за храна и пијалоци. Храната за две години поскапела за 40 проценти, а има и нови најави за поскапувања. Граѓаните се жалат на празни фрижидери, а земјоделците прстот го вперуваат во откупувачите.