Запленети 700 килограми кокаин кај Канарските острови, уапсени Хрват и Србин

Илустрација

Европол заедно со шпанската цивилна гарда учествуваше во разбивање на криминална организација која шверцува големи количества кокаин од Јужна Америка во Европската Унија преку Канарските Острови. На бродот кој пловел под полско знаме биле пронајдени 700 килограми кокаин. Уапсени се еден хрватски државјанин и еден српски државјанин, кои се осомничени дека координирале акција за шверц на дрога.

Истрагата, се вели, идентификува значајна закана и зголемена способност на криминалните организации тесно да соработуваат и да распоредуваат членови на различни локации на подолги периоди за да овозможат трговија со дрога од големи размери.

„Меѓународната соработка на органите за спроведување на законот низ ЕУ затоа беше клучна за пресретнување на осомничените и запирање на нивните криминални активности“, соопшти Европол.

Инфографика - Колку дрога заплени МВР во првите 6 месеци од 2023 година

Во акцијата учествуваа и органи на прогонот од Хрватска, Италија и Србија.

Истрагата, започната во март 2022 година, се фокусираше на брод под полско знаме со привремена база на Канарските Острови, за кој беше осомничен дека се користел за транспорт на кокаин, според Европол.

Оттогаш, полицајците ги надгледуваат активностите на екипажот.

Според Европол, едно од лицата, италијански државјанин, било поврзано со италијанската „Ндрангета“, а другото, хрватски државјанин, е поврзано со таканаречениот балкански картел.