Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Атина денеска оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата, премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“, се наведува во соопштението од Владата.
Видете и ова: Атина - Побрза интеграција на Западен Балкан и поддршка за украинскиот народПремиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина се додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега.
Украинскиот претседател Зеленски, како што се наведува во соопштението, изрази благодарност за поддршката на Северна Македонија на Украина од почетокот на воената агресија, која е значајна за украинските сили и која украинскиот народ високо ја цени. Зеленски на средбата информирал за најновиот развој на состојбите на теренот.