Таксин Шинаватра уапсен по враќањето во Тајланд

Архивска фотографија - Таксин Шинаватра

Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра беше уапсен и изведен на суд откако слета во својата татковина во вторникот (22-ри август) по 15 години самонаметнат егзил.

Шинаватра, кој своето богатство го стекна во телекомуникацискиот сектор, се качи на приватен авион во Сингапур и слета на аеродромот Дон Муанг во вторникот наутро, јавуваат тајландските медиуми. По пристигнувањето, тој му оддаде почит на кралот, а потоа полицијата го однесе во Врховниот суд, каде што беше обвинет за злоупотреба на службената положба и неколку други кривични дела.

Тој изјави дека станува збор за политички мотивирани обвинувања.

„Добре дојдовте назад во Тајланд, тато“, напиша неговата ќерка Паетонгтарн Шинаватра на Инстаграм под семејната фотографија, додавајќи дека „влегол во правниот процес“.

Видете и ова: Тајландскиот Уставен суд го суспендира премиерот

Полицијата соопшти дека е одведен во банкарски затвор, пренесува Ројтерс.

Шинаватра дојде на власт во 2001 година на популистичка платформа насочена кон руралните Тајланѓани кои долго време беа запоставени од владејачките елити. Тој се врати на власт пет години подоцна со убедлива победа, но во септември 2006 година, кога Шинаватра беше во Њујорк, војската ја презеде власта. Тој подоцна беше осуден за злоупотреба на моќта и отиде во егзил во 2008 година, поминувајќи го поголемиот дел од своето време во Дубаи.