Атина - Побрза интеграција на Западен Балкан и поддршка за украинскиот народ

Грција, Балкан, Украина на неформална вечера во Атина

Лидерите од Западен Балкан кои присуствуваа на неформалната организирана синоќа од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по повод навршувањето на 20 години од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и „Солунската декларација“, усогласија заедничка декларација.

Тие испратија порака дека како никогаш досега е потребна силна политичка поддршка за побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ, се наведува во соопштението.

На неформалната вечера присуствуваа претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон- Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков како и украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Видете и ова: „Солунската декларација“ - што донесе по две децении?

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, лидерите изразија силна поддршка и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и потенцираа дека обединетоста околу враќањето на мирот е недвосмислена. Во Атина допатува и украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Ценејќи ги вредностите на Европската Унија засновани на демократијата, владеењето на правото како и почитувањето на основните човекови права и слободи, земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина. Како што стои и во Солунската декларација од пред две децении: „Европа ќе биде навистина обединета само откако сите земји во регионот ќе станат нејзин интегрален дел“.

Во дискусијата на неформалната вечера лидерите од регионот размениле мислења за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и било истакнато дека Западен Балкан е од стратешка важност за Европската Унија, што ќе придонесе и за стабилност и просперитет не само на регионот туку и на Европа во целост.