МВР се уште трага по човекот кој вееше знаме на т.н. Голема Албанија во Тетово

Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово


Нема информации кој е човекот кој вееше знаме со карта на голема Албанија во Тетово при престојот на албанскиот премиер Албин Курти на 12 август. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека и понатаму се утврдува идентитетот и дека се прибираат информации по објавата на фотографијата од лицето.

Тој повтори дека не е вработен во Министерството за внатрешни работи истакнувајќи дека ќе се утврди идентититетот и оти ќе има правда дури и во случај да е странски државјанин.

„Не велиме и не демантирам, едноставно човекот што го носеше знамето не е вработен во МВР. А кого би знаеле ако не ги знаеме вработените во МВР? Според тоа, знаејќи дека инспекторот или лицето кое се посочува не е тоа лице ние затоа објавивме и фотографија, јавна објава, за да видиме во однос на препознавањето на ова лице и понатаму утврдуваме кој би бил идентитетот на ова лице. Имаше лица кои и не се од Република Северна Македонија дојдени од надвор на тие средби“, изјави Спасовски.

Видете и ова: Националистичка иконографија во трка по гласови

За време посетата на косовскиот премиер Албин Курти, не беше интонирана државната химна и не беше поставено ниту државното знаме. Настанот предизвика бројни реакции во јавноста. Реагираа претседателот на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии, владејачките партии но и Владата и премиерот Димитар Ковачевски.

Кабинетот на Ковачевски по бројните реакции истакна дека посетата на Курти била приватна, додека за истакнувањето знамиња на т.н. Голема Албанија наведе дека е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји.

Видете и ова: Османи- Реакциите во Скопје за посетата на Курти се последица на недоразбирање кое бргу ќе се надмине

По реакциите, Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе прекршочни пријави против општините Тетово и Чаир и нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу. Според министерот за внатрешни Спасовски, правда ќе има а Ако лицето е странски државјанин, како што истакна, ќе се искористат сите правни механизни да биде изведено пред правосудните органи.