Поддржувачи на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални ширум светот ја одбележуваат третата годишнина од неговото речиси фатално труење со демонстрации против рускиот претседател Владимир Путин.
Десетици демонстранти на 20 август излегоа на улиците во градови во Австралија, Швајцарија, Грузија, Франција, Естонија, Нов Зеланд и други земји под слоганот „Путин е убиец“. Протест под мотото „Путин е убиец“ организиран од поддржувачите на Навални се одржа и во главниот град на Црна Гора, Подгорица.
Демонстрантите носеа и обележја со кои се осудува неиспровоцираната руска инвазија на Украина во 2022 година.
Поддржувачите на Навални објавија фотографии на луѓе на протестите кои држат натписи до пораките „Ослободете го Навални“. Објавија и фотографија од човек кој држи таков транспарент на Црвениот плоштад во Москва.
ОВД-Инфо, кој ја следи репресијата во Русија, објави дека во Москва се приведени две лица кои носеле транспаренти со кои се повикува на ослободување на политичките затвореници. Не е јасно дали тие инциденти се поврзани со протестите на Навални.
Навални, кој отслужува вкупно 19 години затвор поради екстремизам и други обвиненија, беше хоспитализиран на 20 август 2020 година, откако тешко се разболел на летот од Томск до Москва. Подоцна бил префрлен во Германија на лекување од труење со смртоносен нервен агенс од групата Новичок.
Неговата антикорупциска фондација (ФБК) спроведе истрага за труењето и утврди дека тоа го извршиле агенти на Федералната служба за безбедност (ФСБ) кои дејствувале по налог на Путин.
Руските власти никогаш не го истражиле труењето, а обвинителите тврдат дека нема докази дека е сторено кривично дело.
Навални се врати во Русија во јануари 2021 година и веднаш беше уапсен. Оттогаш тој е во притвор.
Неговата невладина организација и нивната мрежа на регионални канцеларии беа прогласени за „екстремистички“ организации и затворени во Русија. Многу од неговите поддржувачи ја напуштија земјата поради кривичните случаи или заканата од кривично гонење.