АВМУ и медиумските организации ги осудуваат навредите од Брако кон новинарите на ИРЛ

Камери пред Судот во Скопје

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги осудува изнесените навреди и дисквалификации од стана на компанијата „Брако“ упатени кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во врска со документарниот филм „Убиство во Тетово“.

Претходно осуда за Брако дојде и од медиумските и новинарски здруженија.
Од АВМУ велат дека истражувачкото новинарство е клучно во остварувањето на улогата на медиумите, поради што новинарите не смеат да бидат навредувани и јавно дискредитирани при отворањето и анализирањето прашања кои се од висок интерес. Напротив, медиумските работници треба да бидат поттикнувани и охрабрувани во вршењето на својата работа и информирањето на јавноста, додаваат од Агенцијата.

„Доколку некоја засегната страна смета дека објавените информации не се точни или дека не се целосни треба да го искористи законско загарантираното право на одговор и исправка, односно демант. Воедно, за евентуалното непочитување на принципите и стандардите утврдени во новинарските кодекси можат да се искористат механизмите кои ги имаат воспоставено саморегулаторните тела“, стои во соопштението на АВМУ.

Од Брако, ИРЛ ги нарекуваат група, која измислува, крие информации и има монструозни идеи. Во соопштението Брако вели дека ИРЛ „ со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата“.

По соопштението на Брако, реагираа од Здружението на новинари (ЗНМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика на медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во нивното заедничко соопштение се наведува дека авторот на ова соопштение, наместо да и образложи на јавноста, односно да демантира поединечни тези од емисијата, и да даде одговори за сериозните обвинувања, за кои има и тековни постапки на истражните органи, прави обид за цензура.

„Според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување на економски моќни компании“, се наведува во реакцијата.

Видете и ова: БРАКО – Модуларните болници ги изградивме по стандарди, што се правело потоа со нив не е во наша надлежност

ИРЛ пред една недела објави истражување „Убиство во Тетово “ посветено на пропустите во изградбата и причините за пожарот во тетовската модуларна болница, во која во 2021 загинаа 14 луѓе.

Според истражувањето на ИРЛ, модуларната ковид-болница во Тетово, била градена несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, со употреба на материјал кој што при пожар брзо гори како и без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.