Осудениот масовен убиец Брејвик ја тужи Норвешка

Брејвик пристигнува во судница на судењето за условно ослободување, Норвешка, 18 јануари 2022 година.

Андерс Брејвик, осуден за убиство на 77 лица, ја тужеше Норвешка тврдејќи дека му се прекршени човековите права, пренесоа светските агенции.

Неговиот адвокат Ојстеин Сторвик изјави за Ројтерс дека Брејвик ја тужи државата затоа што, како што наведе, 11 години бил во екстремна изолација и нема контакт со други луѓе.

Според адвокатот, осудениот Брејвик се гледа само со затворски чувар, а минатата година бил префрлен во друг затвор каде исто така не може да биде во контакт со други луѓе.

Андерс Брејвик беше осуден за убиство на 77 луѓе, претежно тинејџери и ранување на 249 други, на 22 јули 2011 година, во она што се смета за најголемото злосторство во Норвешка.

Тој издржува максимална затворска казна од 21 година, која може да биде продолжена доколку продолжи да претставува закана за општеството. Во времето кога беше изречена, тоа беше максималната можна казна во Норвешка, но оттогаш законот беше променет за да дозволи подолги казни.

Во пресудата што му беше изречена во август 2012 година се наведува дека тогаш 32-годишниот Брејвик убиствата ги извршил пукајќи од огнено оружје во кампот на Лабуристичката партија на островот Утоја и со претходна експлозија што ја предизвикал во близина на државните институции во Осло.

Пред да ја изрече пресудата, судот утврди дека тој бил здрав во моментот на делото.
Во јануари 2022 година, Брејвик влезе во судница со крената рака во нацистички поздрав за сослушување за условно ослободување, десет години откако го изврши масовното убиство. Судот го одби неговото барање за условно ослободување.

По неговата тужба, Норвешка беше прогласена за виновна во прв степен во 2016 година за наводно нехумано и понижувачко постапување кон Брејвик поради неговата изолација од другите затвореници. Таа пресуда подоцна беше укината поподнесена жалба.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Брејвик осуден на најмалку 21 година затвор


Медиумите во Норвешка објавија дека државата, и покрај природата на неговите злосторства, има тенденција да го третира Брејвик како и секој друг затвореник. Официјално беше објавено дека Брејвик во затворот има на располагање три соби, телевизор, ДВД, конзоли за игри и машина за пишување.