Буркина Фасо и Мали распоредија воени авиони во Нигер, објави нигериската ТВ РТН.
Како што пренесува турската агенција Анадолија, тие соседни земји испратиле воена опрема во Нигер за да им помогнат на нигериските пучисти да одбијат евентуален напад.
Во соопштението емитувано на нигериската државна телевизија се наведува дека Мали и Буркина Фаса во Нигер распоредиле борбени авиони „Супер Тукано“.
Во соопштението се додава дека Мали и Буркина Фасо тврдат дека на овој начин ги спроведуваат своите обврски наведени во заедничката изјава за солидарност со Нигер. Во тој документ, на 31 јули, тие изразија солидарност со народот на Нигер, предупредувајќи дека секоја воена интервенција во Нигер ќе ја сметаат за објава на војна против Мали и Буркина Фасо.
Претходно, блокот на западноафриканските земји ЕКОВАС соопшти дека е подготвен за воена интервенција во Нигер доколку се издаде таква наредба. Таа одлука е донесена по дводневниот самит на министрите за одбрана на Западна Африка во Акра, главниот град на Гана.
„Избран е денот Д за воена интервенција. Тоа не е нашата омилена опција, но ние сме должни да го направиме тоа поради нигериската хунта“, рече Абдел Фату Муса, комесар на ЕКОВАС.
Видете и ова: Претседателот на Мали тврди дека разговарал со Путин за пучот во Нигер
Тој додаде дека целта на интервенцијата е враќање на уставниот поредок.
Армијата на Нигер на 26 јули објави дека го соборила од власт претседателот Мохамед Базум.
Буркина Фасо и Мали, каде војската ги собори владите во 2020 и 2022 година, застанаа на страната на нигерската хунта и во заедничко писмо на 17 август до Советот за безбедност на Обединетите нации и ЕКОВАС објавија дека размерите на последиците од можната воена интервенција ќе бидат непредвидливи.