Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека нема цена по која би ги прифатиле овие уставни измени под бугарски диктат. Тој порачува дека не треба да се троши време ниту секунда повеќе на ова прашање.
Мицкоски на 19 август одржа прес-конференција, на еден ден откако во Собранието почна дебата за тоа дали има потреба од Уставни измени. Вчера по неколкуте говори, немаше гласање, туку претседателот на Собранието, гласањето го остави за друг пат.
Мицкоски вели дека од власта си се тешат и си прават математики дека вратата за уставни измени ја оставиле отворена преку намерното не завршување на седницата, и дека меѓународната заедница сега би притиснала.
Тој додава дека не верува во такви сценарија.
Единствениот разумен излез од ситуацијата сега се избори, додава лидерот на опозицијата.
„Со денешната прес-конференција ВМРО-ДПМНЕ не покажува триумфализам, ниту радост, затоа што работите се пресериозни, а Македонија е во претешка состојба“, изјави Мицкоски.
За да се усвои потребата од измени на Уставот треба да гласаат 80 пратеници, односно дветретини од вкупно 120-те парламентарци. Власта тврди дека има поддршка од 72 пратеници и дека и требаат уште осум за двотретинско мнозинство. Но на вчерашното гласање за утврдување на дневен ред на седницата, гласаа 70 пратеници. Потоа премиерот објаснуваше дека еден од пратениците бил отсутен, а еден имал проблеми со „копчето“ за гласање.
Видете и ова: Куса дебата за уставните измени, за гласање ќе се чекаУставните измени се потребни за земјата да продолжи со интеграцијата во Европската унија. Скопје прифати да го менува Уставот и да ги внесе Бугарите во него, откако лани Софија го тргна ветото на македонските евроинтеграции.
Мицкоски вели дека и неговата партија е за влез во Унијата, но дека не сака гласањето за уставните измени да се претставува како црно-бела слика, или си за ЕУ или си против.
„Влезот во ЕУ е нашиот единствен пат. Но не по цена на себе одрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија, реагираат на пресот на Христијан Мицковски, и заклучуваат дека тој потврдил дека е против ЕУ и сака да ја блокира европската иднина на земјата.
„Проевропската коалиција предводена од СДСМ нема да подлегне на вакво неодговорно и недржавничко однесување на Мицкоски.
Нема да дозволиме граѓаните, нивната иднина, државата да се блокирани од ДПМНЕ“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата за гласање за потребата за измена на Уставот ќе биде закажана кога власта ќе обезбеди двотретинско мнозинство, ако пак прашањето биде ставено на гласање и не добие поддршка од 80 пратеници, завршува процесот за уставни измени.