Од македонската компанија БРАКО соопштија дека таканаречените модуларни болници ги изградиле по стандарди пропишани во проектот на Светска Банка и по документација на Проектната единица на Светската банка во Министерството за труд и социјала за видот на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн.
Од компанијата наведуваат дека не отстапувале од нацртите кои БРАКО ги добил, а за што, како што велат постојат сертификати, приемни документи, потпишани записници и сите останати потврди и докази.
Што потоа се случувало со објектите, дали се доопремувале, и како се управувале од самата болница, и дали тоа било согласно насоките на Светска Банка и Светската здравствена организација за менаџирање во услови на ковид-не е во надлежност на БРАКО, велат од компанијата.
Од компанијата, која е во сопственост на поранешниот вицепремиер за економски прашања во владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, реагираат по документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 луѓе.
„Категорично ги отфрламе сите бесрамни и монструозни лаги на ИРЛ, објектите се целосно изградени и предадени без забелешка по нацртите и документацијата од проектот на Светска Банка“, соопштуваат од Брако.
Од Брако, ИРЛ ги нарекуваат група, која измислува, крие информации и има монструозни идеи.
БРАКО изгради 19 модуларни болници кои се веќе платени со пари на Светска Банка, и 3 амбуланти во Скопје по тендер од Министерството за здравство како трајни објекти, кои државата ги користи, а не се платени, велат од компанијата. За тој долг Брако го тужи Министерството за здравство.
Видете и ова: Владата не одлучила дали ќе им плати на „Брако“ за модуларните амбулантиВладата не одлучила дали ќе го плати долгот за изградбата на амбулантие кон „Брако“, а Министерството за здравство се уште не одлучило што ќе прави со преостанатите модуларните болници, затоа што не знае колку се безбедни.
Модуларните болници повторно се најдоа во фокус на јавноста, по документарниот филм на ИРЛ за пропусти во изградбата и причините за пожарот во тетовската модуларна болница.
Според истражувањето на ИРЛ, модуларната ковид-болница во Тетово, била градена несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, со употреба на материјал кој што при пожар брзо гори како и без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.