Украинската противвоздушна одбрана собори 15 од 17 беспилотни летала Шахед од иранско производство што Русија ги користеше во последниот напад врз Украина во текот на ноќта, соопшти војската на 19 август. Во меѓувреме, пак, руското Министерство за одбрана тврди дека соборила украинска ракета над Крим окупиран од Москва.
„Воздухопловните сили во соработка со противвоздушната одбрана и другите компоненти на одбранбените сили на Украина уништија 15 непријателски беспилотни летала“, соопшти војската во дневниот извештај, додавајќи дека цел на нападите биле источните, северните и западните делови на Украина.
Претходно беше прогласена тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.
Руските сили за противвоздушна одбрана соборија ракета лансирана од Украина над Кримскиот Полуостров во текот на ноќта, соопшти руското Министерство за одбрана на 19 август. Нема жртви и нема штета, се вели во соопштението на Министерството, објавено на апликацијата за пораки Телеграм. Русија го анектираше Крим од Украина во 2014 година.
Во соопштението се наведува дека Украина истрелала ракета од систем за противвоздушна одбрана С-300 кој бил модифициран за да погодува копнени цели.
На бојното поле, украинските сили продолжуваат да напредуваат во областите во близина на јужните градови Мелитопол и Бердјанск, соопшти војската на 19 август, додавајќи дека украинските сили имале вкупно 36 судири во изминатите 24 часа долж линијата на фронтот.
Русија контролира речиси една петтина од Украина, вклучувајќи го и Кримскиот Полуостров, поголемиот дел од регионот Луганск и големи делови од регионите Доњецк, Запорожје и Керсон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата ноќна видео порака рече дека Украина подготвува „моќни работи“ за зајакнување на државата, вклучувајќи оружје за украинските војници и можности за одбрана на земјата.
„Правиме се за во пресрет на Денот на независноста на нашата земја да може да се каже дека Украина направи уште еден чекор кон кругот на најсилните држави во светот“, рече Зеленски, осврнувајќи се на празникот 24 август.