Седницата заврши, но не и расположението за меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Пратеничката група на опозициската ВМРО ДПМНЕ веднаш по завршувањето на денешната седница на која започна расправата за уставните измени од собраниската сала за прес конференции обвини дека власта нема двотретинско мнозинство, односно дека не се обезбедени 80 пратеници кои би гласале за промена на Уставот.
„Очигледно во државава ништо не функционира. Она на што купуваа време од граѓаните дека уставни измени ќе има, дека разговараат со одредени крила на пратеници, денеска се виде дека го немаат двотретинското мнозинство. Следно што оваа ненародна власт, којашто не покажа никакви резултати, треба да го направи е да го распушти ова Собрание па да отидеме и да ги прашаме сите граѓани на предвремени парламентарни избори за тие да одлучат што ќе се случува во иднина“, рече пратеникот Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Куса дебата за уставните измени, за гласање ќе се чека
Дебатата за иницијативата дали да се менува Уставот во Собранието траеше речиси три часа. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, а гласањето дополнително ќе биде закажано. Тој и претходно рече дека ќе се гласа кога за тоа ќе има услови, односно кога ќе бидат обезбедено двотретинско мнозинство, или кога „за“ ќе гласаат 80 од вкупно 120-те пратеници. Доколку, пак, за време на гласањето нема потребно мнозинство, завршува процесот за уставни измени.
Но, два часа по завршувањето на седницата се огласи и премиерот Димитар Ковачевски. Од говорницата во Владата, со сите министри зад себе рече дека токму опозицијата е таа која ја блокира европската иднина на земјата. За тоа што дел од пратениците не присуствуваа на седница, а дел не гласаа задневниот ред, рече дека сепак власта има единство и поддршка од нив.
Видете и ова: Ковачевски: 80 пратеници не ѝ требаат на Владата, туку на граѓаните„Нашата партија и коалиција има апсолутно единство за гласањето на уставните измени. Пратеникот Илија Николовски од „Партијата на пензионерите“ имаше проблем со притискањето на соодветното дугме, копчето на системот за гласање, но за да не бара поединечно прегласување беше оставено со 70 гласови да биде изгласан дневниот ред. Пратеникот Диме Велковски денеска најави дека ќе биде отсутен што не значи дека нема да биде присутен на наредните седници. Немаме информации дека некој пратеник од нашите редови сака да поднесе оставка“, рече Димитар Ковачевски, претседател на Владата.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.