Шефот на Мисијата на Европската унија (ЕУ) за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), Џовани Пјетро Барбано, изрази загриженост поради оставката на тројца полицајци од српската заедница во северно Косово, кои неодамна се приклучија на косовската полиција.
„Еулекс внимателно ги следи овие загрижувачки случувања. Составот на полициските сили треба да го одразува и претставува општеството на кое му служи и го штити“, напиша тој на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.
Загриженост изрази и американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, кој изјави дека косовската полиција е таму за да им служи на сите заедници во Косово.
На крајот на јули, 46 припадници на српската заедница се приклучија на косовската полиција по конкурсот за пополнување на испразнети позиции во директоратот за северниот регион.
Дотогаш, полициската станица за северниот регион беше составена од четворица Срби, бидејќи останатите поднесоа оставки на крајот на ноември 2022 година поради одлуката на Владата на Косово да ги укине регистарските таблички издадени од српските власти за градовите во Косово. Потоа и Србите од север ја напуштија царината, судството и локалната администрација, а градоначалниците на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток поднесоа оставки.