Фондот нема да издржи ленеарно покачување на пензиите, вели Ковачевски

Фотографија од протестот на пензионерите во Скопје, 14 август 2023

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека линеарното покачување од 3.500 денари кое го бараат пензионерите не е праведно затоа што пензијата е право остварено од работен однос.

„Пензијата е резултат на годините стаж кој ги имал секој поединец и висината на уплатата која правел и тоа е уставна категорија. Фондот за пензиско осигурување е фонд на осигурениците, а државата дотира од изворните приходи на Буџетот за да може тој да функционира непречено. Доколку се реализира барањето за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари тоа би значело дополнителен годишен трошок на Фондот од 220 милиони евра. Фондот нема да го издржи тоа“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Пензионерите протестираат: Со 6% покачување тивко не убивате

Голем дел од пензионерските здруженија веќе десетина дена протестираат во своите градови, а се собраа и на протест во Скопје со барање за линеарно покажување на пензиите и за изедначување на пензискиот минималец со минималната плата во државата.

Премиерот денеска изјави дека со Сојузот на здруженијата на пензионерите, Партијата на пензионерите и сите други „се направило системско решени врз основа на швајцарскиот модел со што се овозможува зголемување на пензиите два пати годишно согласно со растот на трошоците на живот - инфлацијата и растот на просечната плата“.