Платформата за борба против корупција бара оставка од обвинителот Јовески

Илустрација - Обвинителот Љубомир Јовески (десно) со собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара оставка од јавниот обвинител Љубомир Јовески, поради случајот со пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица.

Според Платформата, од изведеното во документарецот на ИРЛ, „Убиство во Тетово”, истрагата на јавното обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово „не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти“.

„Како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица“, рекоа од Платформата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Казни за вистинските виновници за пожарот, барање од протестот во Тетово


Дополнуваат дека на ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од Законот за кривична постапка.

Во пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година својот живот го загубија 14 лица. Во врска со случајот, Тетовскиот суд изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.