Лидерите на опозицискиот блок на Албанците, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити, на прес-конференција пред Собранието побараа од спикерот Талат Џафери на утрешната пленарна седница за уставните измени да бидат ставени и уставни амандмани за бришење на одредницата - 20 проценти, која се однесува на употребата на јазикот, како и амандман - корупцијата кај функционерите да биде кривично дело кое не застарува.
„Денес сме тука за да испратиме наши нарачки до Џафери и пратениците. Бараме од претседателот на Собранието итно да го стави на дневен ред уставниот амандман за јазикот. Бараме од него да не бега од прашањето за рамноправност на албанскиот јазик и да не бега од прашањето за кривична одговорност на државните функционери“, рече лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Ако нема 80 гласови за уставни измени, велат Гаши, Касами и Меџити, тоа ќе значи дека треба да се оди на избори.
Утре на пленарна седница, Собранието ја почнува дискусијата за уставните измени со кои се предвидува внесување на Бугарите во уставот, дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Власта се уште нема двотретинско мнозинство за овие измени, бидејќи опозивцијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека „измени под бугарски диктат нема да има“.