Демократскиот сојуз (ДС) предлага на утрешната седница пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието, со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори.
„Сосема е извесно дека нема граѓански и политички консензус за промена на Уставот, со која Бугарите ќе станат конститутивен народ во Македонија. Без реципроцитет за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како и без поддршка на преговарачката рамка, од која ќе бидат отстранети билатералните прашања (историски, образовни, јазични итн.) наметнати oд Бугарија и надвор од Копенхашките критериуми, нема и нема да има промена на Уставот. Доколку пратениците водат сметка за автентичните национални и државни интереси, како и за евроинтеграциите, тогаш ќе ја донесат најиздржаната одлука, ќе го распуштат парламентот“, велат од Демократскиот сојуз.
Утре на пленарна седница, Собранието ја почнува дискусијата за уставните измени со кои се предвидува внесување на Бугарите во уставот, дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Власта се уште нема двотретинско мнозинство за овие измени, бидејќи опозивцијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека „измени под бугарски диктат нема да има“.
Денеска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, им се обрати на пратениците пред утрешната седница за уставни измени. Тој со писмо ги повика пратениците утре, 18 август, да гласаат за измените, бидејќи како што вели, „тоа е одлука за иднината на Северна Македонија, а македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет не се загрозени“.