Во петок одлучувате за иднината - Писмо од Османи до пратениците за уставните измени

Писмо од министерот Бујар Османи до пратениците за почетокот на собраниската дискусија за уставните измени, 17 август 2023

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, 17 август 2023, им испрати писмо до пратениците во македонското Собрание, во пресрет на утрешниот почеток на дискусијата и усвојувањето на уставните измени со кои треба, меѓу другите, да се внесат и Бугарите во Уставот, како дел од зачленувањето на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).

„Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе.
Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет“, им напишал Османи на пратениците.

Утре, 18 август, почнува пленарната седница на Собранието за предложените уставни измени со кои, меѓу останатите, треба да се внесат Бугарите во македонскиот Устав, како дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се противи на измените, со образложение дека не прифаќаат измени „под бугарски диктат“. Во Скопје во неколку наврати доаѓаа повеќе министри и високи претставници на земјите од ЕУ и од САД како поддршка за уставните измени. Владејачките СДСМ и ДУИ се уште го немаат потребниот број пратеници, односно немаат двотретинско мнозинство во Парламентот, потребно за усвојување на измените.

Шефот на дипломатијата во писмото ги убедува пратениците дека, како што вели, македонскиот јазик и македонскиот идентите се зачувани.

Видете и ова: Уставни измени со црвени линии

„Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме“, вели Османи.

Тој додава дека ги разбира стравовите од понатамошни нови обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови.

„Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата“, додава Османи.