Македонски војници затруени со гас во Словенија, сега се во добра здравствена состојба

Илустрација - Поплавен имот во Словенија, август 2023

Осум лица се затруле со јаглерод моноксид додека црпеле вода од подрумот на културниот центар во Чрна на Корошкем, погоден од минатонеделните поплави во Словенија. Според официјални претставници, на гасот биле изложени 32 лица, меѓу кои и дел од македонските војници, кои заминаа во Словенија како помош по катастрофалните поплави. Осум од нив се затруле.

Главниот медицински офицер на словенечката армија, Роберт Карот, преку соопштение за медиумите објави дека на гасот биле изложени 32 лица, од кои 18 припадници на македонската армија, осум пожарникари и шест припадници на словенечката армија.

По објавувањето на веста од Словенија, македонската министерка за одбрана, Славјанка Петровска, информираше дека македонските војници кои биле затруени во Словенија се во добра здравствена состојба.

Видете и ова: Сто македонски војници ќе заминат на помош во Словенија

Сите изложени биле прегледани и третирани од Карота на лице место. Тој процени дека сите се надвор од животна опасност, а во исто време во болниците на понатамошно лекување како превентивна мерка испрати пет припадници на словенечката војска, двајца припадници на македонската армија и еден пожарникар. Со хеликоптер биле пренесени во Словенија Градец, Марибор, Тополшица и Љубљана, јави РТВ Словенија.

Во вечерните часови здравствената состојба на уште двајца пожарникари се влошила, кои со возило на Брза помош биле пренесени во болница.

Минатата недела, по катастрофалното невреме и големите поплави во Словенија, Северна Македонија испрати контингент од 100 војници и опрема како помош на словенечките екипи.