Потпретседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА) Александар Чеферин го повика европскиот фудбал да го „елиминира ракот“ на хулиганството.
Чеферин зборуваше на 16 август во Атина, каде што еден навивач почина минатата недела откако беше избоден со нож пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите меѓу грчкиот клуб АЕК и хрватскиот Динамо Загреб.
„Проблемот со насилството и хулиганството не е само грчки, туку и европски. Ги повикувам сите на европско ниво да го елиминираат овој рак“, рече Чеферин на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пренесува АФП.
Дваесет и деветгодишниот навивач на АЕК од Атина, Михалис Качурис, почина ноќта меѓу 7 и 8 август, откако беше избоден со нож за време на пресметката пред натпреварот со загрепски „Динамо“ во Неа Филаделфија, западното предградие на Атина.
Видете и ова: Грчките власти уверуваат дека судството ќе постапи објективно во случајот со хрватските навивачиУЕФА потоа го одложи натпреварот закажан за 8 август на 19 август.
„Ќе направиме се што е во наша моќ за да обезбедиме никогаш повеќе да не се повтори ваков вид на трагедија“, рече Чеферин.
Во неделата грчките судови обвинија 105 лица за вмешаност во инцидентите и им одредија притвор. Меѓу обвинетите се и 102 Хрвати, кои се осомничени дека се поврзани со „Бед Блу Бојс“, навивачка група на загребскиот тим.
Во меѓувреме, на 15 август, фудбалскиот натпревар меѓу хрватскиот Динамо и грчкиот фудбалски клуб АЕК во Загреб започна со едноминутно молчење за навивач на АЕК неодамна убиен во хулиганска пресметка пред неколку недели.
Полицијата ги зголеми безбедносните мерки, а УЕФА потенцираше дека ќе следат ригорозни казни доколку се запали само еден факел.
Но, во второто полувреме, во делот каде што беа оставени празни столчиња за уапсените навивачи кои учествуваа во инцидентот во Грција, група навивачи на Динамо сепак запалија факели. На стадионот имало 13.000 навивачи, а 12 од нив се приведени поради пиротехнички средства, дрога и алкохол, соопшти полицијата.