Германската Влада денеска одобри план за либерализација на правилата за канабис. Ова е прв чекор на германската влада кон декриминализирање на поседувањето на ограничени количини канабис и овозможува на членовите на „канабис клубот“ да го купуваат за рекреативни цели.
Според предлогот што неодамна го објави министерот за здравство Карл Лаутербах, ќе се легализира поседувањето до 25 грама канабис за рекреативни цели, а поединците ќе можат сами да одгледуваат до три растенија.
Овој план на Владата сега треба да биде одобрен и од Парламентот, а Министерството за здравство очекува законот да стапи во сила до крајот на годинава.
Според владиниот предлог на Германците над 18 години ќе им биде дозволено да се приклучуваат на непрофитни „клубови за канабис“, од кои секој ќе може да има најмногу 500 членови, а повеќекратните членства во клубови ќе бидат забранети. Тие клубови ќе можат да одгледуваат канабис за личните потреби на своите членови.
Видете и ова: Албанија го легализираше канабисот за медицинска употребаГерманските власти се надеваат дека планот ќе помогне во сузбивање на црниот пазар, заштита на потрошувачите од контаминирани производи и намалување на криминалот поврзан со дрога.
„Ние не го создаваме проблемот. Се обидуваме да го решиме проблемот“, изјави претходно Лаутербах.
Со овој план на германската влада не се согласува централнодесничарската опозиција која тврди дека власта продолжува со легализацијата на ризичниот наркотик и покрај европските правни пречки и мислењето на експертите.
По стапувањето во сила на новиот закон, вториот чекор е петгодишно тестирање на регулирани комерцијални синџири на снабдување во одредени региони и потоа научна проценка.