Мицевски- Нема притисоци врз пратенците од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека измени на Уставот под бугарски диктат не се можни и нема да ги поддржат на претстојната пленарна седница на 18 август каде што ќе се дебатира за вметнување на Бугарите во Преамбулата.

Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека на претстојната пленарна седница ќе ги повторат своите ставови дека власта турка процес кој што не е поддржан од граѓаните.

„Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целокупната јавност дека власта цела една година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени,“ изјави Мицевски.

Видете и ова: Џафери - Гласањето за уставните измени може да биде одложено, но и воопшто да не се случи

Седницата за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август. Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот, услов за отворање на преговарачките поглавја.

Видете и ова: Манифест за консензус за уставни измени или купување време?

Тој објасни дека во петок пратениците ќе учествуваат на седницата, и ќе ги повторат своите аргументи кои веќе ги споделија на собраниската комисиска расправа. Дополнително очекува да биде ставен предлогот на гласање за конечно да се види дали СДСМ и ДУИ имаат гласови од 80 пратеници потребни за отворање на Уставот Мицевски тврди дека нема притисоци врз пратениците за да се согласат на уставни измени.

„ Она што до мене е стигнато како координатор на пратеничка група е дека нема никакви притисоци, туку само поддршка од граѓаните и народот кои што секојдневно на улица ни пристапуваат и бараат да истраеме на она на кое што граѓаните во Република Македонија го сакаат а е дијаметрално спротивно од барањата на владејачкото мнозинство“ изјави Мицевски.

Претходно, Претседателот на Собранието Талат Џафери на 1 август изјави дека седницата за уставни измени ќе почне на 18 август, а оти дебатата според процедурата треба да заврши на 31 август. Но, тој додаде дека гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

„Обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, објаснува Џафери.

Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започна точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).