Товарен брод го напушти украинското црноморско пристаниште Одеса и плови низ привремениот коридор воспоставен за цивилни бродови. Тоа е првиот комерцијален брод што го напушта пристаништето од 16 јули.
Операцијата беше опишана од страна на украинската влада како привремен „хуманитарен коридор“ кој ќе им овозможи на комерцијалните бродови да ги напуштат нејзините пристаништа и покрај руската блокада.
Бродот под знамето на Хонг Конг ја напушти Одеса рано на 16 август, објави вицепремиерот Олександр Кубраков на Фејсбук.
Бродот беше заглавен во Одеса од пристигнувањето на 23 февруари 2022 година, еден ден пред Москва да ја започне својата инвазија на Украина. Наводно, тој превезувал повеќе од 2.000 контејнери со 30.000 метрички тони стока.
Киев најави „хуманитарен коридор“ на 8 август во обид да дозволи заминување на бродовите заробени во пристаништата Черноморск, Одеса и Пивдени.
Русија не ја коментираше иницијативата, ниту пак кажа дали ќе го почитува коридорот.
Видете и ова: Русија „собори три украински беспилотни летала“ во близина на МоскваПретходно, на 13 август, руски воен брод испука предупредувачки истрели кон товарен брод кој се приближуваше до украинското пристаниште Измаил во Дунав. На бродот му беше дозволено да продолжи откако беше претресен од руски војници.
На 17 јули, Москва објави дека се повлекува од договорот постигнат со посредство на ОН за олеснување на извозот на украинското жито преку Црното Море.
Обединетите нации ја критикуваа одлуката, велејќи дека таа „ќе им зададе удар на луѓето кои имаат потреба насекаде“.
Оттогаш, Русија постојано ја гаѓаше Одеса и нејзината пристанишна инфраструктура со воздушни напади.
Олех Кипер, шефот на воената администрација на Одеса, на 16 август објави дека руски беспилотни летала нападнале „едно од пристаништата на Дунав, оштетувајќи ги магацините и амбарите“ во текот на ноќта. Кипер додаде дека во текот на ноќта над Одеса биле уништени 11 руски беспилотни летала.
Москва, исто така, предупреди дека бродовите што патуваат до пристаништата на Украина во Црното Море ќе се сметаат за потенцијален воен товар.
Во соопштението на НАТО од 26 јули се вели дека предупредувањето „создаде нови ризици од погрешно проценување и ескалација, како и сериозни пречки за слободата на навигација“.